ПРВ.мк
Црна Хроника

Еден детал ја разоткрил измамата – Њутновиот закон решил мистериозно убиство

Еден детал ја разоткрил измамата – Њутновиот закон решил мистериозно убиство

Еден криминален случај од 1952 година во САД, кој подоцна бил наречен „совршено злосторство“, останал запаметен по тоа што бил разоткриен благодарение на законите на физиката, а подоцна станал инспирација и за славниот писател Владимир Набоков.

Сè започнало кога полициска патрола во Балтимор забележала автомобил кој со голема брзина излетал од патот, удрил во бандера и се превртел. Во возилото била пронајдена жена без знаци на живот, а на прв поглед сè изгледало како трагична сообраќајна несреќа.

Сепак, полицискиот капетан кој го презел случајот веднаш забележал неколку необични детали. На педалата за гас бил заглавен мал камен, поради што моторот продолжил да работи со полна сила и по превртувањето на автомобилот. Но, уште поголем сомнеж предизвикал начинот на кој била распоредена крвта во возилото.

Наместо да биде распрскана во насока на движењето на автомобилот, како што налагаат законите на физиката и гравитацијата, крвта била речиси вертикално насобрана на седиштето. Дополнително, полицајците стигнале до автомобилот за помалку од една минута, а крвта веќе била згрутчена, што било невозможно доколку жената починала во самата несреќа.

Обдукцијата потврдила дека жртвата починала од силен удар во главата и дека смртта настапила пред автомобилот да излета од патот. Лекарите утврдиле дека повредите не можеле да бидат последица на самата сообраќајна несреќа, со што станало јасно дека некој се обидел убиството да го прикаже како несреќен случај.

Подоцна било утврдено дека жртвата е Дороти Грамер, сопруга на влијателниот Едвард Грамер, поранешен припадник на американската контраразузнавачка служба.

Овој необичен случај останал запаметен како пример дека и најдобро испланираното злосторство може да биде разоткриено со внимателна истрага, а токму деталите поврзани со законите на Њутн го претвориле во една од најпознатите криминални приказни од минатиот век.