Српскиот претседател Александар Вучиќ остро реагираше на одлуката на европската комесарка за проширување Марта Кос да ја откаже најавената посета на Србија. Како причина за откажувањето, Кос ја навела прославата поврзана со Ратко Младиќ, кој е осуден за воени злосторства.
Вучиќ за ова зборуваше од Мали Иѓош, каде што одговараше на прашања од новинарите. Тој рече дека не жали поради тоа што Кос ја откажала посетата, а нејзиното објаснување го оцени како „кратко, но глупаво“.
Српскиот претседател постави и прашање кој точно, според Кос, го „величал“ Младиќ, како и што очекувала српската држава да направи во таква ситуација.
Тој праша дали државата требало да им забрани на граѓаните да присуствуваат на погреб или, пак, да не презема никакви мерки за регулирање на сообраќајот.
Вучиќ во своето обраќање изрази незадоволство од, како што ги опиша, долгогодишните политички пораки и одлуки со кои српскиот народ, според него, бил незадоволен.
„Српскиот народ е презаситен од лаги, одземање територии и ослободителни пресуди“, рече Вучиќ, додавајќи дека смета оти пораката што доаѓа од српскиот народ не била правилно разбрана.
Тој се осврна и на судскиот процес против Хашим Тачи, при што рече дека очекува „еден вид ослободителна пресуда“.
Во однос на Марта Кос, Вучиќ порача дека и покрај актуелниот спор, очекува во иднина повторно да разговараат во рамките на европскиот процес на интеграција на Србија.
„Нема Марта Кос мене да ми држи лекции кој е воен злосторник, кој е монструм, а кој не е“, нагласи српскиот претседател.
Во продолжение Вучиќ ја спореди ситуацијата со други случаи во Европа. Тој се осврна на скандирањето „За дом спремни“ во една земја членка на Европската Унија и праша зошто, според него, на таквите појави не се реагира на ист начин.
Вучиќ зборуваше и за благодарноста која денеска му ја упатил Дарко Младиќ, синот на Ратко Младиќ.
Тој рече дека се обидел да направи сè што било во негова моќ за да му помогне на семејството, но и на самиот Ратко Младиќ во периодот додека бил болен и се наоѓал во притворската единица во Хаг.
Изјавите на Вучиќ доаѓаат во период на чувствителни односи меѓу Белград и институциите на Европската Унија, особено во контекст на европскиот пат на Србија и прашањата поврзани со односот кон воените злосторства и лицата осудени пред меѓународните судови.








