ПРВ.мк
Балкан

ОД 2030 ГОДИНА ПАТУВАЊЕТО ДО СОЛУН ЌЕ ИЗГЛЕДА СОСЕМА ПОИНАКУ: Се претвора најризичната делница од Евзони во модерен автопат!

ОД 2030 ГОДИНА ПАТУВАЊЕТО ДО СОЛУН ЌЕ ИЗГЛЕДА СОСЕМА ПОИНАКУ: Се претвора најризичната делница од Евзони во модерен автопат!

На патот што од граничниот премин Евзони води кон Солун во моментов се одвиваат интензивни градежни активности, а доколку работите продолжат според планираното, за околу четири години македонските граѓани би можеле да патуваат по целосно модерен автопат со одвоени коловози.

Станува збор за еден од најзначајните инфраструктурни проекти во Северна Грција, кој има големо значење и за патниците од Северна Македонија. На повеќе делови од трасата веќе се забележуваат градежна механизација и активни градилишта.

Проектот не предвидува изградба на сосема нов пат по различна траса, туку темелна реконструкција и доградба на постојниот пат А1. Целиот правец Халастра–Евзони е долг околу 60 километри и претставува грчки дел од Коридорот 10, по кој секоја година минуваат голем број македонски граѓани на пат кон Солун, Халкидики и другите туристички места во јужниот дел на Грција.

Најголемиот дел од градежните активности се концентрирани на околу 44 километри, од клучката Халастра/Аксиос до Поликастро. Во моментов, на овој дел постојат по една широка сообраќајна лента и помошна лента во секоја насока, но насоките не се физички одвоени.

Токму ова со години се смета за еден од најголемите безбедносни проблеми на оваа траса.

Откако проектот ќе биде завршен, патот треба да добие две физички одвоени коловозни конструкции, со по две сообраќајни ленти во секоја насока. Предвидени се и ленти за принудно запирање, како и средишна разделна зона со заштитна ограда.

Покрај тоа, проектот опфаќа контролирани влезови и излези, изградба на нови мостови и надвозници и реконструкција на повеќе клучки, меѓу кои оние кај Аксиос, Гефира и Поликастро.

Проектната брзина на новата сообраќајница е предвидено да изнесува 120 километри на час.

Особено важно е што последните 15 километри, од Поликастро до граничниот премин Евзони, веќе се изградени како пат со два одвоени коловоза, по две ленти и лента за принудно запирање во секоја насока.

Поради тоа, најинтензивните нови градежни активности се одвиваат на делот јужно од Поликастро. На северниот дел од трасата, каде што инфраструктурата веќе има карактеристики на автопат, се предвидуваат санација, одржување и дополнително приспособување.

Во моментов активни градежни фронтови има кај Поликастро, но и во зоната Халастра–Анатолико–Агиос Атанасиос, каде што се гради и нов мост.

Според информациите што ги објавија грчките медиуми, на проектите поврзани со надградбата на вертикалните патни оски се ангажирани околу 200 работници и приближно 100 градежни машини, што покажува колкав обем имаат тековните активности.

Зад реконструкцијата стои и сериозна причина поврзана со безбедноста на патниците.

Според податоците објавени од грчката новинска агенција АПЕ-МПЕ и јавниот сервис ЕРТ, во сообраќајни несреќи на правецот Халастра–Евзони во период од последните 20 години животот го загубиле 50 луѓе, додека 117 лица биле тешко повредени.

Меѓу ризиците што се посочуваат се недостатокот на средишна заштитна ограда, слабата осветленост на одредени делови, директните приклучоци кон патот, како и движењето на земјоделски машини.

Новата инфраструктура треба значително да ја промени ситуацијата, пред сè со физичкото одвојување на двете насоки на движење и воведувањето современи сообраќајни решенија.

Трасата има значење не само за туристите и патниците, туку и за целата грчка економија. Таа претставува една од главните копнени врски на Солун и Северна Грција со Северна Македонија, Србија и понатаму со останатиот дел од Европа.

Евзони, според грчките локални власти, е најфреквентниот копнен влез во Грција според бројот на посетители, а сообраќајот дополнително се зголемува во текот на летната туристичка сезона.

Проектот е дел од 35-годишната концесија за „Егнатија Одос“ и нејзините три вертикални патни оски. Управувањето со мрежата на крајот од 2025 година го презеде компанијата „Неа Егнатија Одос“, зад која стојат грчката ГЕК ТЕРНА и француската Egis Projects.

За концесијата биле платени 1,275 милијарди евра, додека во првите пет години се планираат инвестиции поголеми од 420 милиони евра за обновување, модернизација и надградба на патната инфраструктура.

Според последните информации од концесионерот, модернизацијата на правецот Халастра–Евзони треба да биде завршена за приближно четири години.

Тоа би значело дека, доколку градежните работи продолжат според предвидената динамика, проектот би можел да биде готов до крајот на 2029 година или во текот на 2030 година.

За македонските возачи ова би значело значајна промена на едно од најважните патувања кон Грција.

По завршувањето на целиот проект, патувањето од македонско-грчката граница до западниот влез во Солун треба да се одвива по целосно оформена автопатска траса со физички одвоени насоки, со што би се елиминирал еден од најризичните делови од сегашниот пат.

Најнови вести