Тешка сообраќајна несреќа се случила синоќа во местото Доња Копривна, на главниот пат што ги поврзува Доња Копривна и Коњодор, во близина на Цазин, Босна и Херцеговина. Во несреќата тешко се повредени три деца.
Според првичните информации, автомобилот во еден момент излетал од коловозот, ја напуштил патната траса и влетал во дворот на семејна куќа. Токму таму во тој момент се наоѓале три деца кои си играле, при што возилото удрило во нив.
Повредените деца веднаш биле пренесени во Кантонската болница „Д-р Ирфан Љубијанкиќ“ во Бихаќ, каде што им била укажана медицинска помош.
Босанските медиуми објавија дека возачот на автомобилот, Фахрет Хорозовиќ, бил уапсен во текот на ноќта по несреќата.
Особено внимание во јавноста предизвикаат неофицијалните информации за тоа што се случувало непосредно пред несреќата. Според тие наводи, две возила се движеле со голема брзина по патот, односно наводно се тркале.
Во еден момент, возачот на едното возило ја изгубил контролата над автомобилот, по што возилото излетало од патот и завршило во дворот на семејната куќа, каде што ги удрило трите деца.
Сепак, овие информации засега не се официјално потврдени. Надлежните органи треба да утврдат дали навистина се одржувала трка меѓу двете возила, со која брзина се движел автомобилот, како дошло до губење на контролата и дали возачот бил под дејство на алкохол.
Истрагата треба да ги даде одговорите на сите околности поврзани со несреќата, како и да утврди како точно дошло до излетувањето на автомобилот од коловозот и тешкото повредување на трите деца.







