Рутинското утринско пливање во езерото Тахо се претвори во крвав инцидент за една жена по напад од видра во Рино, Невада.
Видрата во недела, на 30 август, под вода ја нападнала Линет Белин додека пливала во близина на плажата „Hidden Beach“ во населбата Инклајн Вилиџ.
Видрата ненадејно ја зграпчила нејзината нога и ја повлекла под вода, изјави таа за весникот Reno Gazette Journal, кој е дел од мрежата USA TODAY.
Има 38 шевови
Како последица од нападот, Белин здобила расекотини по целото лице, рацете и нозете, поради што биле потребни дури 38 шевови, како и вакцина против беснило.
- Во почетокот мислев дека некој ме влече, бидејќи беше толку силно - изјави Белин и продолжи:
- Не видов никој друг да плива таму, па не бев сигурна. А потоа ги почувствував забите и канџите, и не престануваше.
Потоа се завртела и видела видра која ја каснувала и гребела. Додека нападот продолжувал, Белин се обидувала да стигне до блиските карпи, а во еден момент дури и ја фрлила видрата.
Иако викала за помош, никој не се одѕвал. Сепак, успеала да излезе од водата користејќи ги карпите. Кога се вратила на плажата, Белин ја видела видрата како кружи во тоа подрачје, а потоа сама се одвезла во болница.
Фотографиите од повредите на Белин снимени по инцидентот покажуваат крв која и се слева низ лицето, како и левата рака и дланка. Таа од јули пливала во тоа подрачје и е професионална инструкторка по пливање, но никогаш не доживеала ништо слично на она што ѝ се случило во езерото Тахо.
Канцеларијата на шерифот на округот Вошо, која одговорила на инцидентот, на 30 август трагала по животното, но не успеала да го пронајде, соопшти Одделението за диви животни на Невада.
Втор напад од видра во езерото Тахо
Ова е втор напад од видра ова лето во езерото Тахо. Боб Дејли на 9 август пливал на плажата Поуп кога го нападнала видра, оставајќи му осум крвави траги од каснувања и гребаници.
Исто така дошло до напад од видра и во Енкориџ, на Аласка. Нападите од видри можат да бидат опасни, но главно се ретки. Според Групата специјалисти за видри, која спроведе преглед на напади од видри во 2011 година, од 1875 година се документирани само 39 напади во САД. Најголемиот број напади е документиран на Флорида.






