Полицијата поднела кривична пријава против 73-годишната Ф.А. од Кичево поради постоење основи на сомнение дека сторила кривично дело „насилство врз дете“.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, инцидентот се случил на 29 август околу 18 часот.
Како што е наведено во полициското соопштение, две деца во тој момент играле со топка, кога 73-годишната жена наводно започнала да фрла дрва кон нив.
Но, според пријавеното, ситуацијата не завршила тука.
Жената потоа, како што информира МВР, земала остар предмет и ги бркала децата низ дворот додека тие играле. Во текот на инцидентот, наводно им ја оштетила и топката со која си играле.
Полицијата по случајот поднела кривична пријава против жената, со која ја товари за постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство врз дете“.
Случајот е пријавен и е предмет на понатамошна постапка, во која треба да се утврдат сите околности поврзани со инцидентот.





