Во детското одделение при Општата болница во Куманово годинава биле згрижени вкупно 16 деца поради пријавени случаи на труење. Според лекарите, најчесто станува збор за најмалите деца, особено оние на возраст од две до четири години, кои поради љубопитност можат да посегнат по лекови или производи што се наоѓаат во домаќинството.
Началничката на детското одделение, д-р Маргица Арсовска, објаснува дека во најголем број случаи родителите бараат медицинска помош откако детето ќе проголта лек, детергент или некое средство за чистење.
Најчести се труењата предизвикани од лекови. Станува збор за различни видови медикаменти, меѓу кои антибиотици, седативи, лекови за срце и терапија за дијабетес. Веднаш потоа следуваат различни хемиски средства што се користат во домот, како и пестициди.
Лекарите забележуваат и случаи во кои децата пробуваат непознати растенија, водени од природната љубопитност и желбата да ја истражуваат околината.
„Децата истражуваат и сакаат да ја запознаат околината, но понекогаш тоа значи дека ќе пробаат нешто што може да биде опасно“, посочува Арсовска.
Според неа, ваквите ситуации најчесто се резултат на краткотрајно невнимание, поради што правилното складирање на лековите и хемикалиите во домот е една од најважните мерки за превенција.
Во болницата најчесто се згрижуваат деца со полесни симптоми, но лекарите предупредуваат дека труењето во одредени ситуации може да има и сериозни последици. Кај потешките случаи може да дојде до губење на свеста, додека одредени хемиски средства можат да предизвикаат сериозни оштетувања на хранопроводот и желудникот.
Особено важно е родителите да имаат што повеќе информации за супстанцијата што детето евентуално ја проголтало. Доколку постои сомневање дека детето испило лек или хемиско средство, лекарите советуваат со себе да се понесе кутијата, шишето или оригиналната амбалажа на производот.
Тоа може значително да им помогне на медицинските лица при проценката на состојбата и изборот на соодветен третман.
„Битно е родителот, ако се сомнева дека детето испило нешто, да го понесе шишенцето или кутијата од лекот, таблетата, за да знаеме кој лек е испиен, приближната доза, колку останало во кутивчето и колку време поминало од моментот кога се сомневаат дека детето го испило. Тоа многу влијае во понатамошниот третман“, објаснува Арсовска.
Времето е особено важно. Доколку постои сомневање за труење, детето треба што побрзо да биде однесено на лекар, а првите два часа можат да бидат особено значајни за понатамошниот третман.
Лекарите посебно предупредуваат дека при сомневање за труење со хемикалии или детергенти, родителите не треба самостојно да предизвикуваат повраќање. Кај одредени, особено корозивни средства, тоа може дополнително да го оштети организмот.
Посебно внимание треба да се посвети на бензинот, разредувачите, боите, детергентите, пестицидите и останатите хемиски производи што се користат во домаќинството.
Овие средства треба да бидат целосно недостапни за децата, без разлика дали се ставени на високо место или се чуваат во шкафче. Најсигурно е потенцијално опасните производи да се чуваат на место до кое детето не може да стигне.
Арсовска предупредува и на уште една честа грешка – префрлањето на хемиските средства во друга амбалажа.
„Не треба да се менува нивната амбалажа. Ако, на пример, разредувач или боја се префрли во друго шише, детето може да помисли дека станува збор за сок и да го испие. Имаме и такви случаи“, вели таа.
Затоа, средствата треба да останат во оригиналните пакувања, со јасни ознаки за нивната содржина, и да се чуваат на безбедно место, надвор од дофатот на децата.
Лекарите нагласуваат дека токму превенцијата и едукацијата на родителите можат да помогнат во намалувањето на бројот на вакви инциденти. Малите деца се љубопитни и не можат секогаш да препознаат што е опасно, па одговорноста за безбедното чување на лековите и хемикалиите е особено важна.
„Најважно е родителите да бидат внимателни и лековите и сите потенцијално опасни средства да ги чуваат подалеку од децата“, порачува Арсовска.






