ПРВ.мк
Балкан

Вучиќ нема да оди на погребот на Ратко Младиќ: Откри зошто нема да присуствува

Вучиќ нема да оди на погребот на Ратко Младиќ: Откри зошто нема да присуствува

Српскиот претседател Александар Вучиќ нема да присуствува на погребот на Ратко Младиќ, кој е закажан за понеделник во Белград, поради претходно договорени службени обврски.

Вучиќ изјави дека во понеделник ќе биде домаќин на официјална посета на претседателот на Узбекистан, која, според него, била закажана пред четири месеци.

„Разговарав со семејството Младиќ. Тоа е нивен избор, што ќе прават и како ќе го прават тоа. Имам официјална посета во понеделник цел ден, закажана пред четири месеци“, изјави Вучиќ пред новинарите.

Посмртните останки на поранешниот командант на Војската на Република Српска претходно беа пренесени во Белград со авион на српската влада. Според објавените информации, Младиќ ќе биде погребан во семејна гробница.

Неговиот син Дарко Младиќ соопшти дека ковчегот во понеделник ќе биде изложен во локална црква до 12 часот, додека погребот е предвиден околу 14 часот. Претходно, во сабота напладне, е најавена комеморација во Домот на Армијата.

Ратко Младиќ, поранешен командант на Војската на Република Српска, беше правосилно осуден на доживотен затвор за геноцидот во Сребреница, злосторства против човештвото и воени злосторства извршени за време на војната во Босна и Херцеговина.