Силно невреме утрово го погоди хрватскиот град Задар, предизвикувајќи сериозни проблеми во сообраќајот, поплавени улици и материјална штета во повеќе делови од градот, пренесуваат локалните медиуми.
Најпогодена е населбата Мелада, каде обилните врнежи довеле до поплавување на улици и паркoт Вруљица, а во некои делови од градот канализацискиот систем не успеал да го прими големото количество вода, поради што шахтите попуштиле. Во еден од инцидентите, автомобил завршил во отворена шахта, што дополнително ја зголемило драмата на теренот.
Покрај поплавите, силниот ветер предизвикал и дополнителни штети. Во населбата Ричине паднало дрво врз далновод, а налетите на ветерот носеле предмети низ улиците, при што биле забележани превртени канти за отпад и оштетени конструкции. Дел од оградата на Градскиот мост исто така била откорната од силата на ветерот.
Сообраќајот во одредени делови од градот бил целосно во застој, а возачите се соочиле со отежнати услови за движење поради водата на коловозите и паднатите предмети.
Државниот хидрометеоролошки завод издаде предупредувања за голем дел од Хрватска поради силни грмотевици и ветрови, при што се очекуваат и поинтензивни врнежи на Јадранското Море.
Посериозни, портокалови предупредувања се активни за регионите Риека и Сплит, каде метеоролозите најавуваат силни грмотевици, локално обилни врнежи, силни налети на ветер и можност за појава на град.
Според прогнозите, времето се очекува да се стабилизира кон крајот на денот и во текот на ноќта, кога постепено ќе дојде до разведрување од западниот дел на земјата.






