Стотици литри млеко беа истурени пред Министерството за земјоделство, шумарство и рурален развој во Косово, откако производителите на млеко излегоа на протест поради незадоволството од состојбата во млечната индустрија.
Млекарите со камиони и цистерни пристигнаа пред институцијата, каде што побараа од властите итно да преземат конкретни мерки за заштита на домашното производство и обезбедување подобри услови за земјоделците и производителите.
Едно од главните барања на протестирачите е ограничување на увозот на млеко по ниски, односно дампинг-цени од земјите во регионот. Според нив, ваквиот увоз создава нелојална конкуренција и ги доведува домашните производители во сè потешка економска положба.
Млекарите бараат поголема поддршка од државата, поголема сигурност за домашното производство, како и мерки кои ќе поттикнат нови инвестиции во секторот.
Протестот доаѓа во период на дополнителна неизвесност во индустријата, по привременото затворање на млекарницата „Вита“ во Исток. Компанијата беше затворена по инспекциски надзор извршен на 2 јули од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство.
Од млекарницата информираа дека производството ќе биде продолжено веднаш штом надлежните институции ги објават резултатите од анализите на земените примероци.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство, пак, соопштија дека при контролата биле утврдени одредени неправилности во работењето, односно несогласувања со законските прописи што се однесуваат на производството и безбедноста на храната.
Производителите велат дека проблемите во секторот се наталожуваат подолг период и предупредуваат дека без конкретна помош и заштитни мерки, домашната млечна индустрија може да се соочи со уште поголеми потешкотии. Тие бараат институциите да реагираат навреме за да се зачува локалното производство и егзистенцијата на илјадници земјоделски семејства.
Извор: Скопје1.мк








