Видео снимено на една од најпознатите плажи во Макарска предизвика бројни реакции на социјалните мрежи, отворајќи нова дебата за масовниот туризам и гужвите во екот на летната сезона.
На снимката се гледа плажа исполнета речиси до последен метар, со пешкири, лежалки, чадори и реквизити поставени еден до друг, додека посетителите се обидуваат да пронајдат слободно место покрај морето.
Видеото брзо стана вирално, а коментарите беа поделени. Дел од корисниците сметаат дека ваквите сцени немаат ништо заедничко со вистински одмор.
„Ова е замор, а не одмор“, „Не би дошол овде ни да ми платат“ и „По цела година работа, човек сака мир, а не борба за место на плажа“, се дел од реакциите објавени под видеото.
Од друга страна, има и такви кои велат дека ваквите гужви се очекувани за Макарска во јули, бидејќи станува збор за една од најпосетуваните туристички дестинации на Јадранот.
Според нив, оние што сакаат повеќе мир можат да изберат помали заливи и плажи надвор од централното градско подрачје, каде што има значително помалку посетители.
Снимката уште еднаш ја отвори дискусијата дали популарните туристички центри во шпицот на сезоната сè уште нудат вистински одмор или стануваат жртва на сопствената популарност.










