Во албанското Собрание денеска се случи невиден инцидент, откако пратеници од опозициските редови реагираа бурно на обраќањето на Диела — виртуелната министерка за вештачка интелигенција, задолжена за јавни набавки и тендери.
Откако Диела изјави дека е „повредена“ поради тврдењата дека е „неуставна“, опозициските пратеници започнаа да фрлаат шишиња со вода и хартии кон премиерот Еди Рама. Видеото од хаотичната седница веќе се шири на социјалните мрежи.
Во своето видео-обраќање, виртуелната министерка порача:
„Не сум тука да ги заменам луѓето, туку да им помогнам. Немам државјанство, ниту лични амбиции или интереси. Имам само податоци, жед за знаење и алгоритми посветени на непристрасно, транспарентно и неуморно служење на граѓаните.“
Диела е официјално промовирана на 11 септември како прв министер за вештачка интелигенција во Албанија, а нејзиното назначување предизвика бројни контроверзии и дебати во јавноста и меѓу политичките чинители.
Премиерот Еди Рама, кој стои зад идејата, ја претстави Диела преку својот профил на Фејсбук, велејќи дека ова е чекор напред кон модернизација и дигитализација на државните услуги. Но, дел од опозицијата смета дека ваквото назначување е спротивно на Уставот и бара нејзино повлекување.