ПРВ.мк
Македонија

Активни пожари кај село Виниче и на Кожуф – под контрола два, 27 пожари изгаснати, информира ЦУК!

Активни пожари кај село Виниче и на Кожуф – под контрола два, 27 пожари изгаснати, информира ЦУК!

Во последните 24 часа на територијата на Македонија се регистрирани вкупно 31 пожар на отворен простор, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК). До 07:00 часот, два пожара сè уште се активни, два се под контрола, а 27 се целосно изгаснати.

Иако најголемиот дел од огнените стихии се локализирани, состојбата останува сериозна бидејќи активните пожари зафатиле шуми и постои ризик од нивно ново разгорување.

Едниот активен пожар е на територијата на Општина Гази Баба, во атарот на селото Виниче, каде гори нискостеблеста шума во месноста Муратница. Другиот пожар е на Кожуф планина кај селото Петрово во Општина Гевгелија, каде огнот зафатил букова шума и се шири кон поширок предел, што ја отежнува интервенцијата.

Под контрола се два пожара: еден на депонијата Дрисла во Општина Студеничани, каде горело ѓубре, и друг на депонијата Острец во Делчево, каде беше запален отпад. Интервентните екипи успеале да спречат ширење на пожарите, но местата се уште се под надзор.

ЦУК потврдува дека 27 пожари се целосно изгаснати. Тие биле регистрирани низ повеќе општини – од Скопје и околината, па сè до истокот и западот на државата. Граѓаните пријавувале пожари во Зелениково, Шуто Оризари, Бутел, Арачиново, Илинден, како и во Битола, Крушево, Струмица, Богданци, Струга, Кичево, Берово и други места. Се гореле најчесто ниска вегетација, стрништа, грмушки, како и депонии и отпад, а на неколку локации пожарите зафатиле борови насади и куќи.

Се апелира до граѓаните да бидат внимателни и да ги почитуваат мерките за заштита од пожари, особено поради високите температури и сувото време кое го зголемува ризикот од нови жаришта.

Escape