ПРВ.мк
Балкан

(ВИДЕО) ГРЦИЈА ПОСТАВУВА БАРИЕРИ ВО МОРЕТО ПОРАДИ ОПАСНАТА РИБА: Властите предупредуваат на сериозен ризик за капачите!

(ВИДЕО) ГРЦИЈА ПОСТАВУВА БАРИЕРИ ВО МОРЕТО ПОРАДИ ОПАСНАТА РИБА: Властите предупредуваат на сериозен ризик за капачите!

Грчките власти започнаа со поставување на заштитни пловечки бариери на дел од плажите, поради ширењето на опасната инвазивна риба напухач, која сè почесто се појавува во водите на Средоземното Море.

Како прва мерка, системот на заштитни мрежи е поставен во Халкида, каде што локалните служби инсталирале околу 2,5 километри бариери со цел да се спречи навлегување на рибата во плитките крајбрежни зони. Според надлежните, целта е зголемување на безбедноста на капачите во летната сезона.

Од Грчкиот Црвен крст е издадено предупредување дека во случај на каснување од оваа риба, граѓаните мора веднаш да побараат медицинска помош, бидејќи нејзините заби можат да предизвикаат сериозни повреди и обилно крварење.

Дополнително, властите укажуваат дека рибата не е безбедна за консумација, бидејќи содржи тетродотоксин – силен невротоксин за кој не постои противотров и кој во одредени случаи може да биде смртоносен.

Според научните објаснувања, рибата напухач во Средоземното Море пристигнала преку Суецкиот Канал од Црвеното Море, а нејзиното ширење е поврзано со зголемувањето на температурата на морската вода.

Покрај ризикот за здравјето на луѓето, овој инвазивен вид предизвикува и економски штети, особено за рибарите, бидејќи ги оштетува мрежите и го намалува квалитетот на уловот.

Грчката влада најави и финансиски мерки за справување со проблемот, по примерот на Кипар, каде што за секој предаден килограм од рибата се исплаќа надомест, а уловените примероци се уништуваат под државен надзор.

Во меѓувреме, поставувањето на заштитни бариери ќе продолжи и на други локации, со цел да се намали ризикот за капачите и да се овозможи побезбедна туристичка сезона на грчките плажи.

ВИДЕО