Голема експлозија проследена со пожар избувнала во воено-производствен и складиштен објект во близина на селото Белица, во општина Трјавна, Бугарија. По инцидентот, околу 300 работници биле евакуирани од објектот.
Според првичните информации, пожарот избувнал околу пладне, кога на локацијата се запалил камион. Огнот потоа се проширил кон еден од магацините во кои била складирана муниција.
Од областа биле слушнати и дополнителни детонации, додека над објектот се издигнал густ чад, поради што надлежните служби веднаш презеле безбедносни мерки.
Регионалната гувернерка на Габрово, Кристина Сидорова, соопштила дека според досегашните информации нема загинати или повредени работници. Сите лица кои во моментот на инцидентот се наоѓале во објектот биле евакуирани.
Поради густината на чадот и можноста за дополнителни опасности, локалните власти ги повикале жителите на околните населени места да останат во своите домови. Од безбедносни причини била спроведена и превентивна евакуација на дел од блиските населени места додека пожарникарите и останатите надлежни служби работеле на терен.
Според првичните наоди, нема индикации дека станува збор за намерен напад или саботажа. Како можна причина се разгледува несреќен случај.
Бугарските медиуми објавија дека пожарот можеби започнал во момент кога цистерна со гориво ги полнела резервоарите во објектот. По иницијалното палење, огнот можел да се прошири кон магацин со муниција, што довело до експлозии.
Министерот за внатрешни работи Иван Демерџиев изјавил дека превентивните мерки во околината продолжуваат со цел да се заштитат населението и припадниците на службите кои интервенираат на местото.
Објектот кај Белица го управува приватната бугарска одбранбена компанија ЕМКО, во сопственост на бизнисменот Емилијан Гебрев.
Според официјалните податоци, станува збор за индустриски објект со висок степен на ризик, каде што се вршат активности поврзани со производство и монтажа на муниција, работа со експлозивни материјали, како и поправка на оружје.
Компанијата работи и на производство, поправка и модернизација на различни видови оружје и муниција, а нејзините активности во минатото биле предмет на меѓународно внимание и истраги.
Во моментов надлежните служби работат на обезбедување на локацијата и утврдување на точната причина за пожарот и експлозијата. Истрагата треба да покаже што точно довело до инцидентот и дали имало пропусти кои можеле да придонесат за неговото избувнување.









