ПРВ.мк
Балкан

(ВИДЕО) ДУНАВ ОТКРИ РЕЧИСИ ЗАБОРАВЕНА ТАЈНА: Ниското ниво на водата откри брод што потонал пред 90 години!

(ВИДЕО) ДУНАВ ОТКРИ РЕЧИСИ ЗАБОРАВЕНА ТАЈНА: Ниското ниво на водата откри брод што потонал пред 90 години!

Ниското ниво на водата на Дунав откри необична и ретка глетка во близина на Опатовац, меѓу Вуковар и Илок, каде повторно станаа видливи остатоците од брод за кој се верува дека потонал пред околу девет децении.

Од Општина Ловас, во чиј состав територијално припаѓа Опатовац, соопштија дека на нивната официјална веб-страница објавиле фотографии и информации за откритието, со цел да соберат дополнителни сознанија од историчари, локални жители и сите кои можеби располагаат со информации за потонатиот брод.

Градоначалничката Леа Видиќ изјави дека историјата буквално повторно испливала од дното на Дунав, додавајќи дека веќе е добиена значајна трага – весник од 1937 година во кој се опишува несреќа што најверојатно е поврзана со овој брод.

Во моментов јасно е видлив задниот дел од пловилото, односно неговата крма. Според сведоштва на жители од Опатовац, и претходно, при пониско ниво на реката, можеле да се забележат мали делови од конструкцијата, но никогаш не бил толку јасно видлив како сега.

Еден жител на Опатовац пронашол стар весник од 1937 година, во кој детално е опишана поморската несреќа. Според написот, унгарскиот товарен брод „Фултон“ влечел баржа на Австриската паробродска компанија натоварена со дури 50 вагони јаглен кон Нови Сад. Во близина на Опатовац дошло до несреќа, а причината за потонувањето никогаш не била официјално утврдена. Баржата потонала заедно со целиот товар.

Во тогашниот извештај се наведува и дека комисиите на Австриското паробродско друштво и Капетанијата на пристаништето во Вуковар, по извршената инспекција, заклучиле дека пловилото е целосно изгубено и дека од него над површината останала да се гледа само крмата.

Градоначалничката Видиќ посочува дека доколку нивото на Дунав продолжи да опаѓа, можно е да станат видливи уште поголеми делови од потонатиот брод. Таа нагласува дека, иако со децении бил затрупуван од речен песок, сегашната ситуација претставува ретка можност да се документира и истражи значаен дел од речната историја на овој регион.

ВИДЕО