Градскиот базен во Кавадарци од четврток (23 јули) и официјално ги отвора вратите за сите посетители како целосно реконструиран и современ спортско-рекреативен комплекс. Со оваа инвестиција, вредна околу еден милион евра, Кавадарци добива еден од најмодерните и најубавите објекти од ваков тип во Македонија.
Поводот за отворањето ќе биде одбележан со две значајни активности во текот на претпладнето:
- 10:00 часот: Официјален почеток на Школата за пливање и упис на деца на возраст од 8 до 11 години. Со најмладите ќе работат стручни професори по физичко и здравствено образование, кои преку професионален и безбеден пристап ќе ги учителуваат децата во основите на пливањето.
- 11:00 часот: Официјално отворање на Градскиот базен во Кавадарци, каде што на настанот ќе присуствува и претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски.
Пред граѓаните на Кавадарци ќе биде претставен новиот комплекс кој нуди збогатени содржини и врвни услови за рекреација, спорт и забава за сите генерации.
Од Општина Кавадарци упатуваат отворена покана до сите граѓани да присуствуваат на настанот и заедно да го одбележат отворањето на овој нов локален симбол на летото.







