Силно невреме проследено со поројни дождови, грмежи и град во саботата попладне погоди голем дел од Словенија, при што најпогодени беа централните, северните и југозападните региони. Метеоролозите предупредуваат дека опасноста сè уште не е завршена и дека во повеќе делови од земјата и понатаму постои висок ризик од нови врнежи од град.
Невремето најпрво ги зафати источните делови на земјата, а потоа брзо се прошири кон останатите региони. Во поширокото подрачје на Драмље бил регистриран град со големина на орев, кој предизвикал проблеми и штети на повеќе локации.
Поради страв од градот, дел од возачите во близина на Цеље ги запирале своите автомобили под надвозници, па дури и во тунели, што довело до сериозни застои и опасни ситуации во сообраќајот.
Од спасувачката служба „Reševalni pas“ остро реагираа на ваквото однесување, оценувајќи дека станува збор за опасна и недозволена практика.
„Таквото однесување е неразумно, опасно и забрането, особено затоа што возачите кај Драмље имале можност да се исклучат од автопатот само неколку секунди пред надвозникот“, соопштија од службата.
Според неофицијални информации, во еден од тунелите дошло и до сообраќајна несреќа, бидејќи неколку возила биле запрени директно на коловозот.
Словенечкиот сообраќајно-информативен центар повторно апелираше до сите учесници во сообраќајот да ја приспособат брзината на временските услови и потсети дека запирањето под надвозници и во тунели е строго забрането.
Во текот на вечерта град бил регистриран и во регионот Корушка, додека Словенечката агенција за животна средина (ARSO) издаде највисоко ниво на предупредување за можност од град за подрачјата Бовец, Горењска, Горишка, Нотрањска, Савињска, Љубљана со околината и Долно Посавје.
За останатиот дел од Словенија останува во сила жолто предупредување поради можни грмежи, поројни дождови, силен ветер и удари од гром, а метеоролозите предупредуваат дека локални невремиња може да се појавуваат и во текот на ноќта.









