Детето кое вчера падна од жичарницата на планината Јахорина е надвор од животна опасност, но се здобило со сериозни повреди, потврдија утрово за БН ТВ од болницата во Источно Сараево.
Според информациите од медицинската установа, детето е хоспитализирано и му е констатирана фрактура на бутната коска – повреда која се смета за тешка и бара понатамошен специјалистички третман. По укажаната прва медицинска помош, тоа е префрлено во матичната здравствена установа во Нови Сад, каде ќе продолжи лекувањето.
Инцидентот се случил вчера, кога детето останало да виси од жичарата, по што паднало од висина од неколку метри на земја. Сцената ја забележале скијачи кои во тој момент се нашле на местото на настанот, а видеото од немилиот момент брзо се прошири на социјалните мрежи.
Од Полициска управа Источно Сараево засега нема официјален коментар за случајот, додека од Олимписки центар Јахорина најавија дека во скоро време ќе излезат со официјално соопштение и повеќе информации околу околностите под кои се случил овој настан.
Случајот предизвика загриженост кај јавноста и отвори прашања за безбедноста на скијачката инфраструктура и процедурите при користење на жичарниците.

















