Во длабоките ледени слоеви на пештера во Романија, научници открија сој бактерија стар околу 5.000 години кој покажува отпорност на десет современи антибиотици. Откритието отвора нови прашања за потеклото и ширењето на антимикробната резистенција, но и потенцијални можности за развој на нови терапии.
Истражувањето е спроведено во пештерата Скериșоара, една од најголемите и најстарите ледени пештери во Европа. Под слој мраз стар пет милениуми е изолиран сојот Psychrobacter SC65A.3, микроорганизам прилагоден на екстремно ниски температури. Ваквите бактерии се познати по тоа што можат да преживеат илјадници години во мраз, пермафрост и подморски седименти.
Според д-р Кристина Пуркареа од Институтот за биологија при Романската академија, древниот сој носи повеќе од сто гени поврзани со отпорност на антибиотици. Лабораториските тестирања покажале дека е отпорен на десет антибиотици од различни класи, кои и денес се користат во лекувањето на сериозни инфекции.
Резултатите од истражувањето се објавени во списанието Frontiers in Microbiology и укажуваат дека отпорноста на антибиотици не е исклучиво современ феномен, туку природен процес што се развивал илјадници години.
Научниците предупредуваат дека топењето на мразот како последица на климатските промени може да ослободи древни микроорганизми и нивни гени на отпорност, што дополнително би ја усложнило глобалната борба против инфекциите.
Истовремено, овие бактерии произведуваат уникатни ензими и антимикробни соединенија кои би можеле да послужат како основа за нови антибиотици и биотехнолошки иновации. Геномот на сојот содржи стотици гени со сè уште непозната функција, што претставува значаен потенцијал за идни научни истражувања.
Светска здравствена организација предупредува дека антимикробната резистенција е меѓу водечките глобални здравствени закани, одговорна за милиони смртни случаи годишно. Ова откритие дополнително ја нагласува потребата од внимателно истражување, контрола и нов пристап во развојот на современи терапии.

















