Претседателот на САД, Доналд Трамп, повторно се најде во центарот на вниманието откако фоторапортери синоќа во Белата куќа забележаа видливи модринки на неговата десна рака, кои биле прекриени со дебел слој шминка.
На фотографиите јасно се гледаат испакнати вени под нанесениот пудер на шаката, а промената на бојата на кожата веднаш предизвика бројни реакции на социјалните мрежи. Независниот новинар Арон Рупар на платформата X посочи дека ваква промена на бојата „никогаш досега не видел во полоша форма“, додека дел од корисниците коментираа и шпекулираа колку ракувања би биле потребни за да се појават вакви траги.
Од Белата куќа остануваат на претходното објаснување. Портпаролката Каролина Ливит изјави дека претседателот секојдневно се среќава и се ракува со повеќе Американци од кој било негов претходник во историјата и дека трагите на неговата рака се резултат на интензивната јавна ангажираност.
Ова не е првпат да се забележат слични траги. Во текот на минатата недела, Трамп неколкупати беше виден со видлив слој шминка на раката, а јавноста забележа и дека изгледал значително уморно за време на говорот на членот на неговиот кабинет, Ли Зелдин.
Трамп (79), кој важи за најстарата личност што ја презела претседателската функција во САД, и претходно беше предмет на шпекулации поврзани со неговата здравствена состојба. Сепак, неговиот тим постојано нагласува дека претседателот е во добра форма и целосно посветен на извршувањето на своите должности.
И покрај официјалните деманти, најновите фотографии повторно отворија простор за сомнежи и јавни дебати околу неговото здравје.

















