Додека илјадници туристи се подготвуваат за летување во Грција, тамошните власти испраќаат јасна порака дека сообраќајните прекршоци повеќе нема да се толерираат, без разлика дали станува збор за домашни возачи или странски туристи.
Со измените во грчките сообраќајни прописи, казните се значително построги, а во многу случаи покрај паричната санкција следуваат и дополнителни мерки како одземање на возачката дозвола или симнување на регистарските таблички.
Една од најголемите промени е укинувањето на можноста за намалување на казната доколку се плати во краток рок. Тоа значи дека секој возач ќе мора да ја плати целосната сума наведена во прекршочниот налог.
Посебно строги контроли се спроведуваат во туристичките региони како Тасос, Халкидики и Лефкада, каде што во летниот период има голем број возила и зголемен ризик од сообраќајни прекршоци.
Паркирањето останува една од најчестите причини за казни. За непрописно паркирање се предвидени 80 евра, но многу поголем проблем за туристите претставува можноста полицијата да ги отстрани регистарските таблички од возилото. Во таков случај, враќањето на табличките може да потрае и до 20 дена, што сериозно може да ги наруши плановите за враќање дома.
Доколку бидете санкционирани, плаќањето не може да се изврши директно кај полициските службеници. Наместо тоа, се издава прекршочен налог кој треба да се подмири во пошта или банка. Ако прекршокот се случи за време на викенд, можно е возачот да мора да чека до првиот работен ден за да ја заврши процедурата.
Највисоки казни се предвидени за минување на црвено светло и престигнување преку полна линија. Овие прекршоци можат да чинат дури 700 евра, а воедно следува и одземање на возачката дозвола. Во одредени случаи се одземаат и регистарските таблички на возилото.
За недозволено полукружно свртување, неправилно вртење или некористење сигурносен појас се предвидени казни до 350 евра, придружени со привремено одземање на документи.
Пребрзото возење се санкционира во зависност од тежината на прекршокот, а казните се движат од 40 до 350 евра, со можност за дополнителни мерки против возачот.
Користењето мобилен телефон без „hands-free“ уред носи казна од 100 евра и привремено одземање на возачката дозвола.
Меѓу поинтересните, но реални казни е и онаа за возење со влечки или несоодветни обувки. Во таков случај, возачот може да биде казнет со 50 евра и привремено исклучен од сообраќајот.
Пораката од грчките власти е јасна – внимателното возење не е само препорака, туку најдобар начин да избегнете високи казни и непланирани трошоци за време на одморот.










