Од јуни 2026 година, граѓаните на Црна Гора и Албанија ќе може да зборуваат, праќаат СМС и користат мобилен интернет во земјите на Европската Унија по домашни цени, односно без дополнителни трошоци за роаминг.
Оваа мерка е дел од пошироката стратегија на ЕУ за економско и дигитално приближување на Западен Балкан кон европските стандарди, во пресрет на нивниот евентуален прием во Унијата. Процесот на вклучување во европската роаминг-зона трае веќе две години и е поврзан со исполнување на одредени законски и технички услови.
Добрата вест е дека и Северна Македонија е меѓу земјите кои активно преговараат за приклучување кон оваа иницијатива, заедно со Србија, Босна и Херцеговина, Косово и Украина.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, на неодамнешниот Дигитален самит, соопшти дека државата е во завршна фаза на подготовка и дека Македонија е подготвена да биде првата од регионот што ќе го потпише договорот со ЕУ за укинување на роаминг трошоците.
– Нашите обврски ќе ги завршиме до декември 2025 година, изјави Андоновски.– Главната промена беше измената на Законот за електронски комуникации, со цел усогласување со европските регулативи и директиви, а тоа беше успешно реализирано летово.– Во моментов остануваат уште неколку подзаконски акти, кои ќе се финализираат до крајот на годината.
Министерот нагласи дека е изработен Акциски план, кој е веќе во примена, а Европската Унија дала јасен патоказ за тоа што е потребно да се исполни.
Со ова, Македонија е на пат да стане дел од роаминг-зоната на ЕУ, што значи дека од 2026 година, македонските граѓани може да добијат можност да комуницираат во ЕУ без дополнителни трошоци, што би било голем чекор напред и финансиско олеснување, особено за патувањата, бизнис комуникацијата и дигиталната поврзаност со Европа.
Очекувањата се дека со потпишување на договорот, оваа поволност ќе стане реалност веќе во текот на наредната година, а Македонија ќе покаже дека е регионален лидер во дигиталната трансформација и усогласување со европските стандарди.