Франција сведочи на историски преседан — поранешниот претседател Никола Саркози официјално стана првиот француски лидер по 1945 година кој оди во затвор. Оваа одлука го потресе француското општество и ја отвори дебатата за одговорноста на политичките елити пред законот.
Саркози е сместен во затворот „Призон де ла Санте“ во Париз, каде ќе престојува во мала, посебна ќелија, изолиран од останатите осуденици поради безбедносни причини. Во затвор пристигна придружуван од својата сопруга, поранешниот модел и пејачка Карла Бруни, а на улиците го испратија и бројни поддржувачи кои извикуваа пароли во негова чест.
Иако е осуден на пет години затвор, правните експерти проценуваат дека мало е веројатно Саркози да ја издржи целата казна. Неговиот адвокатски тим веќе поднесе барање за ослободување, кое ќе биде разгледано во рок од еден месец.
Поранешниот претседател тврди дека е невин и дека обвиненијата се политички мотивирани. Тој беше осуден на 25 септември, поради сомневање дека негови блиски соработници побарале финансиска поддршка од либискиот лидер Моамер Гадафи за неговата претседателска кампања во 2007 година. Според истрагата, се верува дека дел од кампањата бил финансиран со нелегални средства од тогашниот либиски режим.
Оваа пресуда се смета за пресвртна точка во француската политика, со оглед дека никогаш досега еден поранешен шеф на држава не бил физички спроведен во затвор. Случајот на Саркози уште еднаш го отвори прашањето за транспарентноста и моралот во највисоките државни кругови.
Не дознавај последен - читај ПРВ.мк