Тешка сообраќајна несреќа се случила на делницата од Ибарската магистрала меѓу Краљево и Ушќе, во близина на местото Бресник, кога жена која управувала патнички автомобил изгубила контрола над возилото и удрила во заштитната ограда.
Според првичните информации, во несреќата има повеќе повредени лица. На местото веднаш пристигнале екипи на Итната медицинска помош, кои им укажуваат прва помош на повредените.
Очевидци велат дека автомобилот претрпел сериозни оштетувања.
„Воздушните перничиња се активираа, стаклата беа искршени, а предниот дел од возилото е целосно смрскан. Призорот беше навистина вознемирувачки“, изјавил очевидец за српските медиуми.
Засега не е познато дали некој од повредените се здобил со тешки повреди.
Поради увидот, сообраќајот на делницата меѓу Краљево и Ушќе бил целосно во прекин, а се формирале долги колони. Надлежните им препорачуваат на возачите да користат алтернативни правци и да ги следат упатствата на полицијата.








