ПРВ.мк
Балкан

СТАНАРИТЕ ЗА ВЛАКНО ЈА ИЗБЕГНАА ТРАГЕДИЈАТА: Петмина уапсени по уривањето на станбена зграда во Атина!

СТАНАРИТЕ ЗА ВЛАКНО ЈА ИЗБЕГНАА ТРАГЕДИЈАТА: Петмина уапсени по уривањето на станбена зграда во Атина!

Вистинска драма се одвивала во атинската населба Петралона, каде четирикатна станбена зграда за само неколку секунди целосно се урнала додека на соседниот плац се изведувале градежни работи. По инцидентот, грчките власти привеле пет лица, а истрагата треба да утврди дали пропусти при изградбата довеле до колапсот.

Меѓу приведените се тројца инженери, од кои едниот ја изработил конструктивната студија за новиот објект, како и изведувачот и сопственикот на соседниот имот. Сите тие треба да се појават пред обвинител, а според грчките медиуми се очекува да побараат дополнително време пред да дадат официјални искази.

Општина Атина во меѓувреме им обезбедила финансиска помош на жителите на урнатата зграда за покривање на најитните трошоци, како и привремено сместување. Сепак, повеќето станари одлучиле привремено да престојуваат кај роднини и пријатели.

Очевидци раскажуваат дека непосредно пред уривањето се слушнал силен звук на пукање, по што зградата почнала видливо да се навалува, а потоа целосно се срушила. Првично постоел страв дека под урнатините останале заробени лица, но подоцна било потврдено дека сите станари успеале навреме да се евакуираат и да стапат во контакт со своите семејства.

На терен интервенирале пожарникари и припадници на специјалната спасувачка единица ЕМАК, заедно со кучиња обучени за пребарување. По деталната проверка на урнатините било потврдено дека нема затрупани лица.

Зградата, изградена во 1970-тите години, се урнала додека на соседната парцела се копале темели за нов објект. Според првичните информации, токму тие градежни активности се во фокусот на истрагата.

Заменик-градоначалникот на Атина, Парис Чарлавтис, изјавил дека новиот објект бил предвиден на соседната парцела, каде претходно било урнато старо здание и започнати ископувања за подрум. Според него, зградата што подоцна се урнала уште утрото почнала да се одвојува од соседниот објект и постепено да се навалува, а по неколку часа дошло до целосен колапс.

Според новинарски информации, старите објекти во овој дел на Атина најчесто биле градени со плитки темели, додека новата градба барала ископувања длабоки и до шест метри. Експертите наведуваат дека во вакви услови било неопходно да се изработи геотехничка студија за стабилноста на почвата.

Во јавноста се појавија и информации дека технички експерти околу две недели пред несреќата препорачале примена на т.н. шоткрет – специјален прскан бетон за стабилизација на земјиштето. Сепак, се истражува дали оваа мерка била целосно спроведена или била ограничена поради дополнителните трошоци.

Инженерите, според неофицијални информации, на полицијата ѝ посочиле и дека можно истекување од подземна комунална цевка дополнително ја ослабнало почвата под старата зграда. Точната причина за уривањето ќе биде утврдена по завршувањето на експертските анализи и официјалната истрага.