ПРВ.мк
Балкан

Србија ги подготвува новите војници: Успешно завршена воената обука во три градови, следува нова фаза

Србија ги подготвува новите војници: Успешно завршена воената обука во три градови, следува нова фаза

Војската на Србија успешно ја заврши проверката на основната индивидуална обученост на војниците кои во септември започнале доброволно служење на воениот рок.

Проверките биле спроведени во центрите за обука во Сомбор, Ваљево и Лесковац, каде што младите војници ги покажале знаењата и вештините стекнати во изминатите месец и половина.

Во текот на проверката биле оценувани нивните способности за самостојно извршување тактички задачи, ракување со оружје и воена опрема, како и исполнување на должностите поврзани со внатрешната служба и обезбедувањето воени објекти.

Војниците решавале практични задачи во кои требало да ги применат научените воени постапки и тактики.

Според соопштението на Војската на Србија, постигнатите резултати покажале дека војниците целосно ги совладале предвидените стандарди за основна обученост.

Со тоа успешно е завршена првата фаза од нивната воена подготовка.

Во следниот период младите војници ќе бидат распоредени во центри за специјалистичка обука, каде што ќе се подготвуваат за користење борбени средства и воена опрема во согласност со нивниот род и служба.

По завршувањето на оваа фаза ќе следува колективна обука во единиците на Војската на Србија.

Особено значајно е што војниците кои сакаат професионална воена кариера можат уште за време на доброволното служење на воениот рок да поднесат пријава за прием во професионална служба.

На тој начин заинтересираните кандидати ќе можат навремено да ја поминат пропишаната процедура и, доколку ги исполнат потребните услови, веднаш по завршувањето на воениот рок да станат професионални припадници на српската армија.

Најнови вести