Полицијата во Ниш уапси маж кој е осомничен дека планирал да организира бегство на осуденик од Казнено-поправниот дом во овој град, пренесуваат српските медиуми.
Според првичните информации, осомничениот имал намера со дрон да внесе пиштол и муниција во затворскиот комплекс. Планот, наводно, бил оружјето да го преземе осуденик од Нови Пазар, кој издржува затворска казна во Ниш.
Според истрагата, по преземањето на оружјето, затвореникот требало да совлада затворски чувар и да го земе како заложник, со цел да обезбеди бегство од затворот.
При апсењето, полицијата кај осомничениот пронашла и одзела дрон, пиштол и осум куршуми.
Надлежните органи продолжуваат со истрагата за целосно расчистување на случајот и утврдување на сите околности поврзани со наводниот план.







