Грција се подготвува за силен топлотен бран, а метеоролозите предупредуваат дека во наредните денови температурите на одделни места ќе се искачат и над 40 степени Целзиусови. Поради очекуваните екстремни горештини, надлежните институции веќе преземаат мерки и апелираат до граѓаните да бидат особено внимателни.
Поради најавените високи температури, вчера заседаваше Специјалната комисија за проценка на ризици, по што Цивилната заштита издаде препораки до населението. Граѓаните се советуваат да избегнуваат подолг престој на директно сонце, редовно да внесуваат доволно течности и да ги ограничат физичките активности во најтоплиот дел од денот.
Дополнително, властите предупредуваат и на зголемен ризик од појава и брзо ширење на пожари, поради комбинацијата од високите температури, сувото време и можните засилени ветрови во одредени региони.
Според најновите метеоролошки прогнози, најтопло ќе биде утре. Во областа Тесалија се очекуваат температури меѓу 40 и 41 степен Целзиусов, додека во регионот Агринио, во Западна Грција, живата во термометарот може да достигне и до 42 степени.
Метеоролозите најавуваат дека од среда ќе започне постепено освежување, најпрво во северните делови на земјата, а од четврток пад на температурите се очекува и во останатите региони на Грција. До тогаш, надлежните остануваат во состојба на зголемена подготвеност и апелираат граѓаните строго да ги почитуваат препораките за заштита од високите температури.










