Грчките власти започнаа истрага по сериозни наводи дека работници ангажирани во Националниот парк Самарија на Крит незаконски убиле заштитено животно, а потоа го испекле и го консумирале во рамките на заштитеното подрачје.
Случајот се најде под истрага откако до надлежните било поднесено пријава со тврдења дека инцидентот се случил додека приватна компанија изведувала работи за обновување и отстранување на штетите во познатиот кањон Самарија.
Според пријавата, членовите на работната екипа по завршувањето на активностите наводно ја убиле критската дива коза, позната како кри-кри, по што ја подготвиле на отворен оган и ја изеле во просторот на националниот парк.
Наводите ги проверува Управата за шуми во Ханија, од каде потврдиле дека случајот е предмет на проверка. Сепак, надлежните засега не потврдиле дека настанот навистина се случил, ниту објавиле дополнителни детали за текот на истрагата.
Освен сомнежите за незаконско убивање на заштитен вид, истражителите проверуваат и дали во паркот бил користен отворен оган. Доколку тоа се потврди, би можело да претставува дополнителен сериозен прекршок, особено во период кога опасноста од шумски пожари во регионот е зголемена.
Кри-кри е едно од најпознатите животни на Крит и се смета за симбол на островот. Овој вид е строго заштитен, а ловот на него е забранет. Националниот парк Самарија е основан во 1962 година токму со цел зачувување на природното живеалиште на оваа ендемска дива коза.
Грчките медиуми нагласуваат дека во моментов станува збор само за пријавени сомнежи, а конечната вистина ќе биде утврдена по завршувањето на истрагата. Доколку доказите ги потврдат наводите, надлежните органи ќе одлучат дали ќе следува кривична постапка против одговорните лица.








