Со почетокот на новата 2026 година, во Србија стапија на сила нови, повисоки цени на патарините за патнички возила. Одлуката е официјално објавена во Службен весник, но голем дел од возачите не биле навремено информирани, поради што првиот ден од годината донесе непријатни изненадувања на наплатните рампи.
Според српските медиуми, информацијата за поскапувањето не била јасно истакната на веб-страницата на Јавното претпријатие „Патишта на Србија“, што предизвикало револт кај дел од граѓаните кои тргнале на патување веднаш по новогодишната ноќ.
Во новиот ценовник, кој важи од 1 јануари од 07:00 часот наутро, е наведено дека поскапувањето се однесува на патничките возила, додека цените за другите категории возила се исто така ажурирани. Како пример, патарината за релацијата Врање – Белград сега изнесува 1.850 динари за патнички автомобил.
На официјалниот сајт на надлежната институција е објавен детален ценовник, кој овозможува проверка на патарините за различни типови возила, вклучувајќи мотоцикли, автомобили и товарни возила со приколки.
Последната корекција на цените на патарините во Србија беше направена на 4 јули 2025 година, а ова е прво зголемување во 2026 година. Надлежните засега не најавуваат дополнителни измени, но апелираат возачите редовно да ги следат официјалните информации пред патување.
















