Возачите во поширокото подрачје на Атина ќе бидат под засилен надзор откако грчките власти поставија 388 камери со кои автоматски ќе се откриваат возила што поминуваат на црвено светло.
Новиот систем е дел од голема програма за зголемување на безбедноста во сообраќајот и намалување на бројот на опасни прекршоци на грчките патишта.
Проектот е финансиран преку Фондот за закрепнување и отпорност на Европската Унија, а го спроведува регионалната власт на Атика. Локациите каде што се поставени камерите не се избрани случајно – тие се одредени во соработка со грчката полиција, врз основа на анализи на сообраќајните несреќи и најризичните раскрсници.
Камерите ќе функционираат непрекинато, 24 часа во денот, а нивната главна задача ќе биде регистрирање само на еден вид прекршок – поминување на црвено светло.
За секој забележан прекршок, системот автоматски ќе испраќа доказен материјал до грчката полиција, кој ќе содржи шест фотографии и едно видео од моментот на прекршувањето.
Надлежните уверуваат дека системот е направен со посебни правила за заштита на приватноста, односно камерите нема да овозможуваат препознавање на лицата кои се наоѓаат во возилата.
Првите 100 камери треба да бидат поврзани со националниот дигитален систем за евиденција на сообраќајни прекршоци до август. По нивното активирање, ќе започне автоматското регистрирање на прекршоците и изрекување на казните.
Гувернерот на Атика, Никос Хардаљас, порача дека целта не е само казнување на возачите, туку создавање побезбедни улици.
Според него, поминувањето на црвено светло е едно од најопасните однесувања во сообраќајот, бидејќи директно го зголемува ризикот од тешки несреќи.
Поставувањето на камерите е само дел од поширока стратегија за подобрување на сообраќајната безбедност во регионот Атика. Планот опфаќа 31 проект со вкупна вредност од 192,9 милиони евра, од кои дел веќе се реализираат, а дел се во фаза на подготовка.
Со воведувањето на новата технологија, грчките власти очекуваат поголема дисциплина кај возачите и намалување на прекршоците на најопасните точки во сообраќајот.









