Голем пожар повторно се активирал на планината Требевиќ над Сараево, каде што огнената стихија веќе шести ден се обидуваат да ја стават под контрола.
Поради опасноста од пожарот, еден работник кој се наоѓал кај телевизискиот и комуникацискиот столб на врвот на планината бил евакуиран од страна на Горската спасувачка служба од Источен Стар Град.
Пожарот зафатил густо пошумено и тешко пристапно подрачје. Иако пожарникарите во изминатите денови успевале да локализираат одредени делови, огнот повторно се разгорувал. Дополнителен проблем е што на некои места пожарот гори и под земја, што го отежнува целосното гаснење.
Од спасувачката служба упатуваат апел до граѓаните да не се искачуваат кон врвот на Требевиќ и кон пожарот, бидејќи можат да ја загрозат сопствената безбедност и да ја попречуваат работата на пожарникарите и останатите итни служби.
На ноќните снимки се гледа голема огнена линија на планината, проследена со густ чад.
Засега нема информации за други повредени, а причината за пожарот останува непозната.










