Мистеријата со глисерот кој беше пронајден како бесцелно плови низ Егејското Море без патници доби трагичен епилог. Грчките власти го пронајдоа телото на последниот исчезнат турист од групата која доживеала несреќа кај островот Сими.
Според информациите од крајбрежната стража на Грција, телото на мажот било пронајдено во утринските часови во морскиот дел западно од Сими, а подоцна било идентификувано како осмиот патник од едрилицата. Телото било пренесено на островот Родос, каде треба да биде извршена обдукција.
Целиот случај започна кога осум германски туристи – четири мажи и четири жени – се нашле во опасна ситуација додека биле на едрилица во близина на грчкиот остров. Според досегашните информации, тие влегле во морето за да пливаат и да се разладат, но во тој момент на пловилото немало никој кој управувал со него.
Поради тоа, глисерот почнал да се оддалечува од нив и оставил осумте туристи во морето без можност веднаш да се вратат на бродот.
Првите двајца преживеани, маж и жена, успеале сами да допливаат до брегот во близина на манастирот Панормитис на јужниот дел од островот Сими. Откако стигнале до копно, побарале помош, по што започнала голема спасувачка операција.
Во акцијата биле вклучени патролни бродови, пловила за пребарување на отворено море и хеликоптер „Супер Пума“. Неколку часа подоцна биле пронајдени уште лица од групата.
Една жена била спасена од рибарски брод непосредно пред полноќ, а уште четворица туристи биле лоцирани од страна на брод на крајбрежната стража. Со тоа бројот на спасени се искачил на седум, но последниот член од групата не преживеал.
Во меѓувреме, властите го пронашле и самиот глисер кој пловел празен и со голема брзина низ морето меѓу островите Сирос и Китнос.
Крајбрежната стража го пресретнала пловилото во близина на заливот Фоиникас на јужниот дел од Сирос, по што било запрено и одвлечено до најблиската марина.
Истрагата треба да утврди како точно дошло до тоа пловилото да се оддалечи од туристите и зошто тие останале заробени во морето без можност веднаш да се вратат назад.








