ПРВ.мк
Балкан

Серија откази по смртта на Ратко Младиќ: Објавите на социјалните мрежи имаа последици

Серија откази по смртта на Ратко Младиќ: Објавите на социјалните мрежи имаа последици

Најмалку пет лица останале без работа или професионален ангажман во Босна и Херцеговина по објави на социјалните мрежи поврзани со Ратко Младиќ, поранешниот командант на Војската на Република Српска, правосилно осуден на доживотен затвор за геноцид во Сребреница и други воени злосторства.

Меѓу лицата кои се соочиле со последици има лекари, актерка, работник во обезбедување и млад фудбалер, иако околностите се различни во секој од случаите.

Хирургот Ѓоко Новаковиќ повеќе не соработува со Кантоналната болница во Орашје откако објавил црно-бела фотографија од Младиќ со гулаб и црно срце. Тој изјавил дека не станува збор за класичен отказ бидејќи бил хонорарно ангажиран, туку дека соработката била прекината спогодбено.

Лекарка од Домот на здравје во Томиславград, пак, добила отказ по дисциплинска постапка поради објавата „Почивај во мир, генерале“. Од здравствената установа образложиле дека величењето на воени злосторства е спротивно на нивните принципи и може да ја наруши довербата на пациентите. Случајот бил пријавен и во полиција.

Продукцијата „Хајп“ ја прекинала соработката со актерката Лидија Вукиќевиќ по нејзина проштална објава за Младиќ, додека без работа останал и Миленко Паровиќ од Невесиње, кој бил ангажиран во фирма за обезбедување во Мостар.

Посебно внимание привлече случајот со младиот голман Велјко Вучетиќ. Академијата на ФК Сараево ја прекинала соработката со него, иако спорната објава не била негова, туку на неговиот татко. Од клубот не навлегле во детали за одлуката.

Во БиХ величењето на лица правосилно осудени за геноцид, злосторства против човештвото или воени злосторства може да повлече и кривична одговорност доколку се исполнети законските услови.

Последици имало и во Хрватска, каде тројца државјани на БиХ биле првостепено осудени и парично казнети поради објави поврзани со Младиќ. Според објавените информации, најавени се и мерки поврзани со нивниот престој и работа во земјата.

По смртта на Младиќ, во повеќе градови во БиХ беа организирани собири во негова чест, додека најавените собири во Сребреница беа забранети од полицијата.