Претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, се здоби со полесни повреди во сообраќајна несреќа што се случи во тунелот Кастелец на автопатот Копер–Љубљана.
По укажаната лекарска помош во Општата болница во Изола, од нејзиниот кабинет соопштија дека претседателката се чувствува добро и се очекува во текот на денот да биде пуштена на домашно лекување.
Според првичните информации, несреќата се случила во 16:57 часот во тунелот Кастелец, на автопатот Приморје во правец кон Љубљана. Во судирот учествувале две полициски возила кои биле дел од придружбата на претседателката, која се враќала од одмор во Хрватска и патувала кон Коменда, каде што требало да присуствува на хуманитарниот спортски настан „Поги Челинџ“.
Во несреќата биле повредени две лица. Наташа Пирц Мусар поминала со полесни повреди, додека друго лице кое се наоѓало во возилото се здобило со тешки телесни повреди.
Словенечката полиција сè уште ги утврдува причините и околностите под кои се случила сообраќајната несреќа, а за случајот е известено и Специјализираното јавно обвинителство на Република Словенија.
Преку својот кабинет, претседателката упати благодарност до службите за итна помош, полицијата и медицинскиот персонал во Општата болница во Изола за брзата и професионална реакција.
Поради увидот и истрагата, тунелот Кастелец беше затворен за сообраќај до 20:19 часот.










