Во тек е голема меѓународна координирана полициска акција против организирана криминална група, во која во Солун се уапсени еден македонски и еден косовски државјанин, а запленети се 324 килограми марихуана.
Акцијата е резултат на повеќемесечна истрага што Министерството за внатрешни работи, преку Одделот за криминалистичка полиција, ја спроведува во координација со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и со надлежните служби од Грција и Косово.
При контрола на товарно моторно возило во Солун, во приколката биле откриени 324 килограми марихуана, сокриени во осум палети со хартија.
Во рамките на истата операција, македонската полиција врши претреси на повеќе локации низ земјава. Целта е да се утврди дали во криминалната група биле вклучени и други лица, како и да се обезбедат дополнителни докази и предмети поврзани со случајот.
Акцијата сè уште е во тек, поради што се очекуваат дополнителни информации од надлежните институции.









