Голема полициска акција во Бугарија резултирала со заплена на огромна количина дрога, откако на влезот во Бургас бил запрен камион во кој биле пронајдени кокаин и марихуана.
Според информациите, досега се евидентирани 238 пакувања марихуана и повеќе од 110 пакувања кокаин. Акцијата на надлежните сè уште трае, а дрогата била транспортирана со камион кој се движел во правец кон Турција.
Бугарската национална телевизија БНТ објави од местото на настанот дека станува збор за околу 100 килограми кокаин и 200 килограми марихуана. Проценките се дека вредноста на запленетата дрога на црниот пазар би можела да достигне околу 12 милиони евра.
Во рамки на акцијата биле запрени и неколку автомобили. Полицијата интервенирала на пристапот кон Бургас од автопатот „Тракија“, каде што било лоцирано возилото со дрогата.
Бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев акцијата ја оцени како „огромен удар врз трговијата со дрога“ и количината ја опиша како рекордна. Сепак, според достапните податоци, заплената не е рекордна ниту кога станува збор за кокаинот, ниту за марихуаната, ниту пак за вкупната количина дрога.
Само неколку дена претходно, бугарското Министерство за внатрешни работи соопшти дека Граничната полиција запленила три тони марихуана во областа Пирин. Во други големи акции во последните години биле запленети и повеќе од 200 килограми кокаин во дипломатско возило на граничниот премин „Капитан Андреево“, близу 600 килограми кокаин во камион кој превезувал лимета во Софија, како и 300 килограми кокаин пронајдени во стан во Студентски Град.
Во меѓувреме, во одвоен случај во Варна, фармацевт вработен во болничка аптека и маж со руско и бугарско државјанство биле задржани 72 часа и обвинети за поседување и трговија со наркотични средства.
Двајцата биле уапсени на 1 септември, откако криминалистите добиле информации дека 36-годишниот фармацевт се занимава со трговија со дрога. Тој бил приведен непосредно откако од 46-годишниот руски државјанин купил речиси пет килограми марихуана.
Вреќата со дрогата била запленета, а при претресот кај фармацевтот биле пронајдени и 2,10 грама кокаин. Неговиот тест за присуство на дрога бил позитивен, а полицијата соопштила дека непосредно пред апсењето тој бил зад воланот.
Од локалното обвинителство информирале дека истрагата продолжува, а надлежните работат на целосно документирање и докажување на кривичното дело.














