ПРВ.мк
Балкан

Огнената стихија не запира: Стотици луѓе се борат со пожарите, ЕУ испраќа хеликоптери и копнени екипи

Огнената стихија не запира: Стотици луѓе се борат со пожарите, ЕУ испраќа хеликоптери и копнени екипи

Пожарите што зафатија повеќе делови од Србија и натаму создаваат сериозни проблеми, а најтешка останува состојбата во Делиблатска пешчара, каде во гаснењето на огнот се вклучени околу 400 луѓе.

Во акцијата од воздух помага и рускиот авион „Иљушин“, додека пожарот на планината Столови сè уште е активен. Состојбата во близина на средновековната тврдина Маглич засега е стабилизирана, а во општина Кладово е укината претходно прогласената вонредна состојба.

Поради размерите на пожарите и најавените екстремно високи температури, Србија го активираше Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија и прифати меѓународна помош.

Од стратешките резерви на ЕУ треба да пристигнат четири хеликоптери „Блек Хок“ – еден од Романија, два од Чешка и еден од Словачка. Нивниот капацитет за носење вода изнесува меѓу 2,6 и 3,5 тони.

Помош пристигнува и по копнен пат. Германија понудила противпожарно-спасувачки тим од 55 лица со 24 возила, додека Романија испраќа тим од 69 лица и 15 возила.

На терен се ангажирани противпожарни и спасувачки единици од цела Србија, доброволни пожарникари и шумски работници. Голем проблем претставува непристапниот, стрмен и карпест терен, кој дополнително ја отежнува борбата со огнената стихија.