ПРВ.мк
Балкан

НОВИ СТРОГИ ПРАВИЛА НА ГРАНИЦА: Една грешка може скапо да ве чини – еве што повеќе не смеете да внесувате во Хрватска!

НОВИ СТРОГИ ПРАВИЛА НА ГРАНИЦА: Една грешка може скапо да ве чини – еве што повеќе не смеете да внесувате во Хрватска!

Од 1 јуни 2026 година во Хрватска официјално започна целосната примена на новите европски правила за влез на стока во царинското подрачје на Европската Унија, што значи построги процедури и нови обврски за дел од патниците и превозниците.

Според новите правила, задолжително станува поднесувањето влезни скратени декларации (УСД) за стока што по патен и железнички транспорт влегува во ЕУ преку граничните премини во Хрватска.

Обврската главно се однесува на превозниците, но декларацијата може да ја поднесе и овластен застапник, примачот на стоката или друго овластено лице. За оваа постапка потребен е активен ЕОРИ-број регистриран во Европската Унија.

Роковите се прецизно утврдени – кај патниот транспорт декларацијата мора да биде поднесена најмалку еден час пред пристигнувањето, додека кај железничкиот транспорт рокот изнесува од еден до два часа пред влезот.

Непочитувањето на овие рокови може да предизвика дополнителни проверки, задржувања и застои во царинските постапки.

Сепак, важно е да се нагласи дека личниот багаж на патниците не подлежи на оваа обврска. Под личен багаж се сметаат предмети потребни за патување и работи за лична употреба.

За патниците што пристигнуваат од земји надвор од Европската Унија важат и лимити за внесување стока без дополнителни давачки. При патување со авион и брод дозволената вредност е до 430 евра, додека кај патен и железнички транспорт лимитот е 300 евра. За лица помлади од 15 години максималната вредност е 150 евра.

Постојат и јасно утврдени ограничувања за алкохол и тутун. Дозволено е внесување до 40 цигари или еквивалентни тутунски производи, 1 литар жесток алкохол или 2 литри алкохол со помала јачина, како и 4 литри вино и 16 литри пиво.

Овие правила не важат за патници помлади од 17 години.

Дополнително, стоката што се превезува во товарниот простор на возила наменети за транспорт на стока – како мебел, градежни материјали, резервни делови или апарати за домаќинство – не се смета за личен багаж и мора да помине редовна царинска постапка.

За патниците кои пристигнуваат од земји како Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Косово важат дополнителни ограничувања кога станува збор за производи од животинско потекло.

Не е дозволен внес на месо, млеко и производи што содржат месо и млеко.

Од друга страна, дозволено е внесување до 20 килограми риба и рибни производи по лице, како и до 2 килограми мед, јајца и други производи од животинско потекло.

Патниците можат да внесат и до 2 килограми специјална храна за доенчиња, медицинска храна и храна за домашни миленици.

Производи како леб, бисквити, чоколади, тестенини и одредени додатоци во исхраната можат да се внесуваат за лична употреба ако ги исполнуваат пропишаните услови.

Секој производ што ги надминува дозволените количини може да биде предмет на дополнителни проверки, ветеринарен надзор и задолжителна документација.

Надлежните предупредуваат дека непријавените или недозволените производи од животинско потекло можат да бидат одземени и уништени, а патниците ризикуваат и парични казни.