ПРВ.мк
Балкан

Нови правила за странци во Црна Гора: Престојот драстично скратен!

Нови правила за странци во Црна Гора: Престојот драстично скратен!
Kristal

Советот за национална безбедност на Црна Гора донесе одлука со која се значително заострува безвизниот режим. Министерството за надворешни работи е задолжено да ги измени правилата, така што на државјаните од земји што не се усогласени со визната политика на Европската Унија, кои досега можеле да престојуваат во Црна Гора без виза до 90 дена, сега ќе им биде дозволен престој само до 30 дена. Целта е поголема контрола и усогласување со европските стандарди.

Оваа одлука е дел од поширок пакет мерки предложени од премиерот Милојко Спаиќ, насочени кон контрола на присуството на странски државјани, миграционите текови и финансиските активности на странците.

Меѓу најважните мерки се:

  • Интензивирана размена на податоци со други држави, особено со Турција, со која е договорена засилена соработка помеѓу безбедносните служби.
  • Укинување на привремениот престој за странци кои поседуваат неактивни фирми во странска сопственост.
  • Нови услови за добивање на привремен престој, кој ќе може да се добие само преку инвестиција во недвижен имот од најмалку 200.000 евра или преку полно работно место во регистрирана фирма.

Советот истакна дека се регистрирани бројни случаи на даночни прекршоци од страна на странци, поради што Управата за јавни приходи ќе ги доставува сите податоци до Управата на полицијата, со цел да се спроведат проверки и евентуално укинување на привремениот престој согласно законските одредби.

Црна Гора останува посветена на европските стандарди, заштита на граѓаните и странците кои законски престојуваат во земјата. Новите мерки се дел од процесот за заштита на институционалниот систем, безбедноста и фискалната дисциплина, особено во контекст на пристапните преговори со ЕУ.

На седницата присуствуваа претставници од Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за национална безбедност, Управата на полицијата, Министерството за надворешни работи, Јавното обвинителство и Управата за јавни приходи.

Escape