Западниот Балкан во наредните десет години би можел да се соочи со сè поголеми проблеми со сушата, покажуваат климатските модели, а земјите од регионот веќе работат на стратешки мерки за приспособување кон променетите услови.
Ова го изјави генералниот секретар на Постојаната работна група за регионален рурален развој на земјите од Југоисточна Европа, Бобан Илиќ, кој посочи дека климатските промени ќе имаат сериозно влијание врз регионот.
Според него, климатските проекции укажуваат дека до 2034 и 2035 година вкупната количина на врнежи може да биде над просекот. Сепак, тоа не значи дека регионот ќе има доволно вода во текот на целата година, бидејќи проблемот ќе биде во начинот на кој врнежите ќе бидат распоредени.
Илиќ објасни дека може да се создаде привид дека климатската состојба не се влошува, бидејќи вкупните врнежи ќе останат високи, а вегетацијата ќе продолжи да цвета. Но, нерамномерната распределба на дождот и снегот може да донесе сериозни последици.
Според проекциите, регионот треба да биде подготвен за периоди со поплави и обилни снежни врнежи, по кои во краток временски период би следувале високи температури. Таквите нагли промени дополнително би го зголемиле притисокот врз земјоделството и водните ресурси.
Илиќ истакна дека земјите од регионот во текот на следната година ќе работат на конкретни мерки за адаптација кон климатските промени. Планот е да се разработат најмалку пет до шест приоритетни мерки со кои би се одговорило на новите климатски услови.
Тој ова го изјави пред новинарите во Белград, каде што се одржува годишниот состанок на министрите за земјоделство од земјите на Југоисточна Европа.
Според Илиќ, климатските промени ќе донесат промени и во самиот земјоделски сектор, не само од аспект на производството, туку и во социолошка и економска смисла.
Тој оцени дека земјоделството во иднина ќе бара нов тип кадар – образовани и добро подготвени млади претприемачи кои ќе бидат подготвени да го преземат и развиваат земјоделскиот сектор во услови на климатски промени.









