Дубровник, една од најпопуларните туристички дестинации на Јадранот, ова лето забележува необично низок број туристи. Локалните медиуми известуваат дека за првпат по пандемијата, многу луксузни хотели имаат празни соби во шпицот на сезоната.
Проверка на системите за резервации покажува дека дури и за првата недела од септември има над 150 слободни сместувачки капацитети, со цени кои достигнуваат над 3.000 евра за шест ноќевања – значително повисоки од цените во други популарни дестинации како Сплит и Ровињ.
Намалената посетеност е делумно резултат на свесната политика на градот за ограничување на бројот на туристи, насочувајќи се кон помалубројни, но побогати гости. Сепак, се чини дека оваа стратегија достигнува граница, бидејќи високите цени почнуваат да ги одвраќаат и туристите со подлабок џеб.
Експертите оценуваат дека ситуацијата во Дубровник е предупредување за тоа како ценовниот балон може да влијае врз туристичкиот пазар. Слично луксузно искуство може да се најде и во соседните земји за значително пониска цена, што ги менува патувачките навики и побарувачката во регионот.