ПРВ.мк
Балкан

Милионски бизнис со сурогат-мајки? Започнува судење за мрежа што наводно заработила до 42 милиони евра

Милионски бизнис со сурогат-мајки? Започнува судење за мрежа што наводно заработила до 42 милиони евра

Голем скандал ја потресе Грција, откако во градот Ханија, на островот Крит, започнува судење против 33 лица обвинети за сериозни незаконитости поврзани со приватна клиника за медицински потпомогнато оплодување.

Обвиненијата опфаќаат трговија со луѓе, измами и учество во криминална организација, а истрагата открива сомневања за систематско искористување жени од Источна Европа.

Според обвинителните документи, жените биле регрутирани од Украина, Романија, Молдавија, Грузија и Албанија, најчесто поради нивната тешка финансиска состојба.

Во Грција пристигнувале како донаторки на јајце-клетки или сурогат-мајки, но дел од нив, според истражителите, биле сместувани во куќи под постојан надзор.

Постојат сомневања дека на некои жени им биле одземани патните документи, биле изолирани од своите семејства и немале слободна контрола врз заработените пари.

Во судските документи се споменуваат повеќе објекти во Ханија, каде што жените наводно биле контролирани од посреднички.

Според обвинението, месечните надоместоци за дел од жените се движеле од 500 до 1.000 евра.

За сурогат-бременост со едно дете наводно биле ветувани 10.000 евра, а за повеќеплодна бременост до 18.000 евра. Сепак, не е потврдено дека ветените суми навистина биле исплатени.

Истрагата опфаќа и можни злоупотреби при донирање јајце-клетки, медицински процедури и сурогат-мајчинство.

Според медиумските извештаи, незаконските активности на мрежата потенцијално можеле да донесат до 42 милиони евра добивка, но оваа проценка допрва треба да биде потврдена во судската постапка.

Судењето треба да утврди како функционирала мрежата, каква била улогата на обвинетите и дали навистина биле извршени кривичните дела што им се ставаат на товар.

Обвинувањата засега не претставуваат судски утврдена вина, а конечната одговорност на 33-те обвинети треба да ја утврди судот.