Хрватската Влада планира значително да ја зголеми еднократната финансиска помош за новородено дете, па наместо досегашните 618 евра, родителите би добивале по 803 евра од 1 јануари 2027 година. Предлогот за законски измени, со кои ќе се овозможат и идни зголемувања на оваа поддршка, наскоро ќе биде доставен во законска постапка.
Ова денеска го соопшти хрватскиот министер за демографија и имиграција, Иван Шипиќ, по седницата на Владата, јави Хина.
За спроведување на мерката се предвидени речиси 28 милиони евра на годишно ниво, информираше министерот, нагласувајќи дека демографските прашања се меѓу приоритетите на хрватската Влада.
Според предложените измени на Законот за мајчински и родителски додатоци, во декември оваа година Владата треба да го утврди износот на финансиската поддршка за наредната година. На тој начин би се овозможило новата сума да почне да се применува од 1 јануари 2027 година.
Планираното зголемување предвидува еднократниот надоместок за новороденче да порасне од сегашните 618 на 803 евра. Изразено преку буџетската основа, тоа значи зголемување од 140 на 182 проценти.
„Демографијата нема алтернатива за хрватската Влада, тоа е капитално прашање и Владата ќе најде средства за тоа“, истакна Шипиќ.
Како што објасни министерот, главната цел на мерката е да се подобри финансиската сигурност на семејствата во периодот по раѓањето на детето. Токму тогаш родителите се соочуваат со значителни почетни трошоци за набавка на опрема за бебето и за задоволување на другите потреби поврзани со грижата за новороденчето.
Со планираното зголемување, хрватската Влада има намера да им обезбеди поголема почетна финансиска поддршка на семејствата што добиваат нов член.









