ПРВ.мк
Свет

Ескалира опасноста на море: Сингапурски брод потона по напад со проектил, властите со остра осуда

Ескалира опасноста на море: Сингапурски брод потона по напад со проектил, властите со остра осуда

Контејнерски брод под знамето на Сингапур потонал во близина на Ормускиот Теснец откако бил погоден од проектил, во период на засилени напади врз комерцијалните пловила во регионот.

Станува збор за бродот „GFS Pride“, со капацитет од 2.824 контејнерски единици, кој претрпел сериозни оштетувања и пожар пред да потоне.

Поморската и пристанишна управа на Сингапур потврдила дека сите 21 член на екипажот биле навремено евакуирани.

„Сите 21 член на екипажот се безбедно евакуирани. Нема пријавени повредени лица“, се наведува во соопштението на сингапурските власти.

Во исто време, изворите од поморската безбедност известиле и за потонување на друг товарен брод, кој бил оштетен во претходен напад.

Според поморските извештаи, станува збор за товарниот брод „Cape Dao“, кој пловел под знамето на Антигва и Барбуда. Бродот бил оштетен во напад на 23 септември, а подоцна потонал. Во претходниот напад загинал еден член на екипажот.

Сингапурските власти остро ги осудија нападите врз комерцијалните бродови, оценувајќи дека тие се неоправдани и претставуваат прекршување на меѓународното право.

Дополнително, потврдено е дека уште еден брод под сингапурско знаме, „GFS Giselle“, бил погоден од непознат проектил. Тој успеал да стигне до безбедно сидриште, а сите 22 членови на екипажот се безбедни.

Ормускиот Теснец е една од најзначајните поморски рути во светот, низ која пред војната минувала приближно една петтина од светската трговија со нафта и течен природен гас.

Зачестените напади врз бродовите создаваат сериозни ризици за меѓународниот транспорт и снабдувањето со енергенси.

Инцидентите се случуваат во услови на воен конфликт меѓу САД и Иран, дополнителни американски санкции и поморска блокада на иранските пристаништа.

Засега не е официјално утврдено кој ги испукал проектилите што ги погодиле двата сингапурски брода.

И покрај опасностите, дел од трговските бродови продолжуваат да пловат низ Ормускиот Теснец, додека поморските власти предупредуваат на зголемен ризик од нови напади.