Откриен е идентитетот на петтемина алпинисти од Босна и Херцеговина кои трагично ги загубија животите при искачувањето на планината Елбрус во Русија.
Според информациите што ги објавија босанските медиуми, меѓу загинатите е и докторката Мелиха Чаушевиќ, специјалист по максилофацијална хирургија и долгогодишен љубител на планинарењето. Покрај неа, животот го загубиле Алма Окановиќ, Денис Окановиќ, Алмир Кривдиќ и Нермин Талам. Сите биле од Зеница.

Трагедијата ја преживеале Харис Адиловиќ и Кемал Видимлиќ, кои биле спасени од спасувачките служби и пренесени во болница, каде што им била укажана медицинска помош.
Мелиха Чаушевиќ важела за искусна планинарка со учество во бројни експедиции, а нејзината смрт предизвика голема тага меѓу колегите, пријателите и планинарската заедница.
Несреќата се случила за време на искачувањето на Елбрус, највисокиот врв во Европа. Иако експедицијата започнала при поволни временски услови, ситуацијата на планината нагло се променила. Силниот ветер, кој достигнувал околу 70 километри на час, значително ја отежнал акцијата и придонел за трагичниот исход.

Дополнително, босанските медиуми објавија дека само неколку дена пред трагедијата, членовите на експедицијата споделиле фотографија од турскиот град Фатса, од каде продолжиле кон Русија и Елбрус, без да претпостават дека патувањето ќе заврши со една од најголемите планинарски трагедии што ја потресе Босна и Херцеговина во последните години.









