Речиси 400 ученици биле доведени во опасност откако две маскирани лица фрлиле димни бомби и петарди кон Спортската гимназија во Белград, јавува Индекс. Инцидентот се случил вчера околу 16 часот, а напаѓачите во два наврати го таргетирале училишниот двор каде што во тој момент имало голем број ученици, меѓу кои и малолетници.
Од Пленумот на Спортската гимназија силно реагираат, наведувајќи дека вакви напади се недозволиви и опасни, особено кога се упатени кон деца.
„За учениците од Спортската гимназија е катастрофално да живеат во општество во кое е нормално да се врши агресија врз средношколци. Овој напад е идеална илустрација за тоа против што треба да се борат младите денес“, стои во нивното соопштение.
Учениците нагласуваат дека не сакаат да се вклучуваат во политички дебати, туку бараат институциите конечно да реагираат и да изречат соодветни санкции за сторителите.
„Нè интересира само како ова општество може да реагира на чин на омраза насочен кон иднината на народот. Се надеваме дека системот ќе ја пронајде и казни оваа група провокатори и криминалци“, додаваат од Пленумот.
И покрај сериозноста на нападот, маскираните напаѓачи сè уште не се идентификувани, а истрагата продолжува.
















