ПРВ.мк
Македонија

Мајки со новороденчиња се препуштени на Фондот за здравство за да обезбедат млеко и пелени - eве колку месеци чекаат!

Мајки со новороденчиња се препуштени на Фондот за здравство за да обезбедат млеко и пелени - eве колку месеци чекаат!
Kristal

Бројни мајки кои го користат надоместокот за породилно отсуство деновиве се жалат дека исплатите се доцнат, оставајќи ги без средства за основни потреби на своите бебиња. Во услови на поскапени производи како пелени, адаптирано млеко и бебешка храна, секое доцнење создава дополнителен стрес за семејствата.

„Некои добивме исплата за месец октомври, но секој месец е истата работа – доцнење со плаќањата, не само за породилно туку и за други надоместоци. Срамота е!“, пишува една мајка во Фејсбук групата „Исплата на породилно/продолжено породилно“.

Според Фондот за здравствено осигурување, најголемиот дел од исплатите се реализираат меѓу 10-ти и 20-ти во месецот, но одреден број исплати се извршуваат и до самиот крај на месецот. Административните процедури не се унифицирани, па пари на сметките на мајките понекогаш не легнуваат и по 50 дена.

Мајки кои веќе осум месеци се на породилно отсуство велат дека исплатите почнале редовно само во првите два месеци. „Потоа секој месец исплатата се одложува, па овој месец парите ги добивме дури денес. Наместо на 30 дена, исплатата доаѓа на 37-40 дена, што не е коректно затоа што трошоците се планираат на месечно ниво“, објаснува друга мајка.

Нејзиното искуство го потврдуваат и други кориснички на надоместокот. „Бидете благодарни што барем чекате за октомври, јас сè уште чекам половина исплата за септември“, се жали една мајка, нагласувајќи дека средствата се неопходни за основни потреби на децата.

Членките на Фејсбук групите апелираат институциите да воведат јасен датум на исплата, за да се избегне секојдневен стрес и неизвесност. „Некои семејства живеат исклучиво од овој приход, а бебињата имаат потреби. Исплатите мора да бидат на време“, пишуваат тие.

Од Фондот за здравствено осигурување велат дека исплатата на породилните надоместоци е континуиран процес. За месец октомври 2025 година обработени се 6.268 предмети во вкупен износ од 340 милиони денари. За споредба, во септември биле обработени 7.319 предмети во износ од 384 милиони денари, што укажува дека дел од исплатите за октомври сè уште се во тек.

На настан за демографски трендови, премиерот Христијан Мицкоски порача дека формирањето семејство и особено повеќедетното семејство е највисок патриотски чин за еден народ. Промовирана е и петгодишна програма за поддршка на семејствата, која ја спроведуваат Владата и Фондот за население на ОН, во обид да се справат со демографската криза во земјата.

Escape