Блиските средби со мечки во планинските предели стануваат сè почести, а експертите предупредуваат дека правилната реакција може да биде пресудна за безбедноста на луѓето.
Една мајка и нејзиното тригодишно дете неодамна доживеале драматична средба со мечка во селото Заовине, на планината Тара. Додека шетале, на околу 30 метри од нив забележале мечка.
Жената подоцна раскажала дека успеала да остане смирена и да не паничи, што, според неа, било клучно за безбедното завршување на ситуацијата.

Стручњаците предупредуваат дека најголемата грешка при средба со мечка е обидот за бегство. Трчањето може да го активира предаторскиот инстинкт на животното и значително да го зголеми ризикот од напад.
Доколку наидете на мечка, советите се да останете смирени, да не правите нагли движења, полека да се повлечете без да ѝ го свртите грбот и да избегнувате директен контакт со очите.
Особено опасни се мечките кои имаат младенчиња. За да се намали можноста за изненадна средба, експертите препорачуваат при движење низ шума или планина да разговарате или да правите умерена бучава, за животното навреме да ве забележи и да се оддалечи.
Познавањето на овие правила може да биде од пресудно значење и да спречи сериозни последици при средба со диво животно.











